Кинески полни месечинки се колачиња кои Кинезите ги јадат за полномесечинскиот или сред-есенски празник. Слават средина на есента, кога е полна месечина. Оваа година празникот е на 4ти октомври.
Решив да си ја пробам среќата, дома да си направам, најдов калапчиња, изгуглав и еве месечинки во Скопје. Кинезите инаку не се мачат да прават, сите си купуваат. Е овде нема, па морав вака.
Прво го правев шербетот односно шеќерниот сируп.
Во загрената вок тава се става малку (една третина) од шеќерот и неколку лажици вода. Се мешаат додека се растопат и почне сирупот да врие. Потоа се додава останатата количина вода (врела) и се става преостанатиот шеќер. Се меша додека се стопи шеќерот. Малку потемнува. На крај се остава да крчка на тивко околу 20 мин со пресечениот лимон внатре.
Овде треба да ви излезе потечна смеса. Јас се плашев дека ќе биде ретка и не додадов многу вода, ама после испадна дека брзо се стегна. Мислам дека со повеќе вода, ќе испадне подобро.

Се прави потоа тестото. Брашното се меша со пола од смесата сируп, се додава жолчка. Треба да испадне густа смеса. Ако е премногу густа, додадете капка две масло. Или повеќе брашно ако е течна. Оставете да отстои 30 мин.

Во меѓувреме се прави филот.
Семките од лотус (замена може бадеми или лешници) се вријат да омекнат. Се блендираат и се ставаат во вок тавата, во која се додава пола од шербетот претходно направен. Се меша, постепено се згуснува смесата, се додава чоколадото и кршените бисквити. Ова со чоколадото е моја измена на оригиналниот рецепт. ))
По кратко вриење, се трга смесата да се стегне. И да не е премногу стегната, не е проблем,само да не биде течна.
Од тестото формирате еднакви топчиња. Се расукуваат и се става од филот. Ако филот е доволно стегнат, може да го направите како топче, па потоа од расуканото тестенце околу него да формирате топче. Мене филот ми излезе средно густ и затоа дирекно само ставав од смесата на расуканото тестенце. Со рака се оформуваат рамни топченца кои се ставаат во калапчето.
Претходно може топчето да го валате во брашно.

Готовите колачиња се премачкуваат со жолчка.
Се печат 10 мин на 200 степени.
Од оваа смеса излегуваат 10 не многу големи колачиња. Направив помала доза, за да го проверам рецептот.

Во Кина има премногу варијанти за филот, со јаткасти производи, со црвен грав, со жолчка, или солена варијанта.

На здравје со кинеско зелено чајче и среќен полномесечев есенски празник. :)

По кратка пауза еве ме пак во кујна.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани