Месото маринирајте го од вечер. Парчето месо ставете го во длабок сад, налијте го со маслото и истријте го од сите страни со мајчина душица. Може да додадете и рузмарин по желба. Лукот исечкајте го покрупно и со него исто истријте го месото. Затворете со капак и оставете во фрижидер до наредниот ден.

Вклучете ја рерната да се загрева на 150 степени. Во пекачот во кој ќе печете ставете зејтин и загрејте го. Тргнете ги парчињата лук од парчето месо но не ги фрлајте, ќе ви требаат подоцна. Месото испржете го на висока температура од двете страни додека убаво да порумени. Извадете го од пекачот и тргнете на страна. Посолете го и набиберете.
Во зејтинот во кој се пржеше месото налејте ја супата и пивото, ставете на оган да зоврие, вратете месото во оваа течност, додадете парчињата лук од маринадата, поклопете пекачот со капак и ставете да се пече 2 часа. На секои 20 минути налевајте го месото со течноста за да не се исуши, па продолжете со печење во затворен пекач.
Откако ќе се испече, тргнете го месото на страна, покријте со фолија да стои на топло. Течноста во која се печеше процедете ја, ставете на рингла да зоврие. На страна во вода растворете го густинот и додадете во сосот, ставете го и сенфот и убаво разматете. Нека поврие кратко па тргнете на страна.
Сечете тенки парчиња месо и послужете ги со сосот.

Прилог
Кромидот исечкајте го, компирот и морковот исто така но на покрупни парчиња. Ставете го целиот зеленчук да се пржи во тава на загреан зејтин. Пржете околу 4-5 минути. Налејте вода во тавата колку да го покрие зеленчукот. Поклопете со капак и варете се додека зеленчукот да омекне, по потреба налевајте по малку вода. Кога ќе видите дека е скоро сварен, отворете го капакот и оставете целата вода да испари. Испасирајте го зеленчукот додека е топол со алатка за пасирање , но оставете да има мали парченца низ него. Нема потреба од додавање течности. На крај насолете и зачинете на вкус.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани