Во поголем сад се става интегралното брашно, сувиот квасец и солта и се мешаат со лажица. Потоа се додаваат медот, маслото и пополека се сипува млаката вода и се замесува тестото. Откако ќе се замеси тестото се остава да стаса, односно дупло да го зголеми својот волумен (околу 50-тина минути).
Откако ќе стаса тестото се додаваат сончогледот, семките од тиква и лененото семе, се размесува, и од него се формираат 7 топчиња (секое топче е со 200 гр. тежина). Топчињата се редат во набрашнето тавче (бр. 28). Секое топче одозгра се засекува на 3 места за добие ефект на „селско лепче“, се посипува со сусамот и се остава да стаса уште малку (околу 10-тина минути). Потоа се пече во загреана рерна на 200 степени, околу 35-40 минути.
Во текот на печењето, кога ќе се потпече корката на лебот се става влажна хартија врз него и се продолжува со печењето. Хартијата ја ставаме за да не ни се препече лепчето одозгора, а да може убаво да се испече во внатрешноста.
Откако ќе се испече лепчето, го вадиме од рерна и малку го попрскуваме со ладна вода, а потоа го покриваме со крпа и го оставаме да се олади.
Јас го правев лебот со топчиња во форма на цвет, но може да се направи и една голема векна, лепиња или слично, битно навистина е многу вкусен.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови