Количината на добиеното тесто ја поделив на 2 дела, така што од едниот дел направив затворени мини пици, а од вториот дел си добив Велигденски пица куглоф.
1. Сите состојки за тесто освен брашното се ставаат во подлабок сад, се мешаат со жица и дури потоа се става постепено просеаното брашно. Количината на брашно е тука некаде ориентационо, но сепак зависно од брашното додавајте колку треба за да добиете меко нелепливо тесто.
2. Тестото се премачкува со малку масло и се остава да одмори 10 минути.
3. Потоа тестото се размесува малку и се дели на 2 дела.
- од првиот дел се рассукува тенка кора, со калапче за мини пици се сече круг со едната страна, а потоа кругчето тесто се става на другата страна од калапчето, се премачкуваат краевите на кругот со матено јајце и се полни со пица филот. Калапчето е подобро да се набрашнува за секоја пица за да се вади полесно. Мини пиците се ставаат во подмачкан плех, се премачкуваат со јајце, се наросуваат со сусам и малку ким и киснат.
- Од второто тесто се прави правоаголна кора на која се нанесува остатокот од пица филот, се витка ролат кој потоа се сечи в долж, а добиените два дела се усукуваат малку а потоа се виткаат спирално еден со друг. Така завиткани се ставаат во калап за куглоф кој е претходно намастен и набрашнет. Се премачкува со останатото јајце, се наросува со сусам и малку ким и дури сега се пушта рерната да се загрее на 200 степени.
4. Штом се загрее рерната првин се печат мини пиците околу 20-25 минути, а потоа се пече кугловот скоро исто време.
Забелешка -------------------------------- По идеја на Лидија Јошевска, јајцата ги печев, значи не варев, туку печев во рерна на 160 степени 30 минути. Јајцата се ставаат во калап за мафини без вода, директно во загреана рерна, а штом се извадат веднаш се ставаат во сад со ладна вода и ниту едно не пука ни во рерна ни во ладната вода. Потоа ги бојадисав класично по упатството на кесичката за боја. Јајцата не се разликуваат од варените. Супер, за мене лесен и сигурен начин за подготовка на јајца, ти благодарам Лидија ! За многу години да се Велигденските празници, Христос воскресе !

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани