Од последното патување си го донесов и овој рецепт :).
Во сувото грозје додадете го румот, промешајте и оставете така 1-2 часа. Промешувајте од време на време за целото грозје подеднакво да го впие румот.
Квасецот растворете го во млако млеко, додадете 1 лажица од вкупната количина брашно и 1/2 лажица шеќер. Оставете квасецот да се активира.
Во длабок сад ставете го брашното, путерот, солта, јајцата и шеќерот, додадете го стасаниот квасец и замесете меко и лепливо тесто. Јас го матев со миксер, со маталките за тесто. Тестото треба подолго време да се меси, некои 10-15 минути или додека да почнат да се прават балони од воздух во тестото. Покријте со крпа и оставете да стасува на топло место додека волуменот видно се зголеми (околу 1 1/2 часа).
Модлата за куглоф убаво премачкајте ја со путер и лесно набрашнете ја. На дното од модлата, во секоја вдлабнатина ставете по еден бадем.
Откако тестото стасало, додадете го сувото грозје и повторно измесете го но овој пат само кратко. Префрлете го го во модлата за куглоф, покријте со крпа и оставете да стаса по втор пат. Тестото треба да нарасне барем до два прста под работ од модлата.
Печете на 185 степени во претходно загреана рерна, околу 40 - 45 минути. Направете проба со чепкалка за да видите дали е печено.
Откако се испекло, оставете во модлата да отстои некои 10 минути па потоа префрлете го во тањир за послужување.
Одозгора наросете го со шеќер во прав.

Напомена
Кугловот не е многу благ, не е како вообичаениот што си го знаеме, а тестото е многу, многу меко. Се служи за појадок со додаток на мармалад.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани