Пред да седнам да го пишувам рецептот, проверив на страницата дали веќе има слични рецепти за да не се повторувам. Најдов неколку, но овој рецепт сепак се разликува во начинот на подготовката, па нека стои тука.

Неодамна под некој рецепт се дискутираше за проблемите поврзани со пронаоѓање на специфични состојки за приготвување на одредени рецепти. Овде каде што живеам ми се достапни и кокосова павлака и кокосова вода. Но не и кокосово млеко и кокосово брашно. За да не ве збунам, она што ние си го знаеме како „кокосово брашно„, не е брашно, туку само рендан кокос. А, што е кокосово брашно, следи подолу во овој 3 во 1 рецепт.

Најпрво ќе правиме кокосово млеко. На Интернет можат да се најдат најразлични рецепти за правење на истото. Некое време експериментирав додека не го најдов вистинскиот сооднос на количината на рендан кокос и вода. Овој сооднос се покажа како идеален.

КОКОСОВО МЛЕКО
Во еден сад ставете го ренданиот кокос и прелијте го со врелата вода, промешајте го и оставете го така да одстои најмалку 2-3 часа. Вака отстоениот кокос ставете го во газа и во еден сад добро исцедете го од млекото. И тука експериментирав со должината на времето. Ако се остави пократко време, се добива помалку кокосова павлака, а таа ни е потребна.

КОКОСОВА ПАВЛАКА
Млекото ставете го во стаклена тегла со капак и оставете го во фрижидер. Кога добро ќе се олади, на површината ќе се фати дебел слој од кокосова павлака. Неа можете да ја користите во подготовката на десерти, но и солени јадења, посебно оние од тајландската кујна.

КОКОСОВО БРАШНО
Е, еве ја сега цаката! Кокосот кој што ви остана од цедењето на млекото, распостелете го на некоја тепсија во тенок слој и оставете го добро да се исуши. Некои го сушат во рерна, ама мислам дека нема потреба од арчење на струја. За ден-два е веќе сув и кога се суши на собна температура. Кога остатоците од кокосот добро ќе се исушат (се чувствува под раката, има текстура како лебни трошки), се меле во блендер и се добива кокосово брашно.

На дополнителните фотографии ќе ја видите разликата помеѓу ренданиот кокос и кокосовото брашно. Таму некаде ѕирка и кокосовата павлака, која што е во многу тенок слој, добиена во процесот на експериментирање на соодносот вода-рендан кокос. Размер од 3 према 1 (3 дела вода, 1 дел кокос) дава многу мала количина на кокосова павлака, а млекото е со слаб мирис на кокос. Затоа е надобро односот вода-кокос да биде 1 наспрема 1.

Доколку сакате да го засладите млекото или да му го збогатите вкусот со некој зачин, сторете го тоа откако ќе го исцедите млекото.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови