Убав, сочен, полу – чоколаден десерт кој многу потсетува на купените турски тортички „поп кек“. Вкусот му е прекрасен, па со задоволство ќе го споделам тука со вас рецептот кој настана повторно како резултат на моите слаткарски експерименти. Испробан, проверен и превкусен колач, се надевам дека некогаш ќе блесне и на вашите трпези. Еве ја подготовката.
1. Рерната се загрева на 250 степени, а тавата за печење бр. 36 се намрсува и набрашнува.
2. Јајцата, ванилата и шеќерот се матат темелно со миксер.
3. Се додаваат маслото и јогуртот, пак се проматува, па се додаваат и брашното и пецивото.
4. Уште еднаш се мати добро, па се истура во претходно намрсено и набрашнето тавче за печење бр. 36.
5. Се става да се пече 15 до 20 во претходно загреаната рерна која се намалува на 180 степени. Мојата рерна функционира така, а вие печете под надзор, во зависност од вашата рерна.
6. Колачот се смета за печен кога ќе се оддели од краевите на тавата и ќе добие кафеава боја на површината.
7. Кога ќе го испечете, извадете го од рерна и со помош на стапче за ражнич или цевка за сок направете му дупчиња, убаво избоцкајте го.
8. Оставете да се излади.
9. За тоа време се готви филот. Шеќерот и водата заедно со маргаринот/путерот ставете ги во подлабок сад на оган да зовријат.
10. Потоа додадете го чоколадото и какаото, намалете ја температурата на ринглата и мешајте интензивно за да ви се хомогенизира смесата.
11. Вкусот на филот многу ќе зависи од видот на чоколадото, па така добро изберете какво ќе ставите. Јас користев блок чоколади, па вкусот си беше баш одличен.
12. Готовата, изедначена, чоколадна смеса оставете ја на страна добро да се излади. Повремено промешувајте ја додека се лади и не е препорачливо да се става во фрижидер, дури ни покриена, зашто сигурно ќе поприми од мирисот на намирниците кои ги има таму. Ладете ја на собна температура.
13. Откако филот убаво ќе ви се излади, само прелијте го готовиот пандишпан и вашиот сочен домашен поп кејк е готов! Исечете и послужете.
Нека ви е на здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови