Си најдов лесен начин за да си подготвам доматен сос (домата) која преку цела зима ја користам редовно. Наместо да рендам рачно, со нутрибулетот работата си ја упростив. Количината секој си ја одредува според потребата.
- Доматите (зрели, цврсти и здрави), се мијат убаво, се лупат и се сечат на поголеми кришки.
- Кришките се ставаат во големата чаша од нутрибулетот до ознаката за максимум, се става хималајската сол и се блендира неколку секунди. Вода не се додава, самите домати ја содржат.
- Доматниот сок се тура во тегли со големина по избор или пак може и во стаклени шишиња. По желба и вкус се ставаат лути пиперчиња и убаво се затвораат капачињата/тапите. Битно е теглите/шишињата да бидат сите со приближно иста висина и да не се полнат догоре туку да има малку простор под капачињата/тапите.
- Во лонец (кој претходно сме го избрале), на дното се ставаат крпи, се редат теглите и помеѓу нив пак се ставаат крпи за да не се чукаат во текот на варењето.
- Во лонецот се тура вода, но малку под капачињата, не до горе и се варат 20 минути од моментот на вриење на водата, потоа шпоретот се исклучува, се става капакот и така се остава на ринглата до другиот ден постепено да се излади.

Ваквиот начин на подготовка со варење го научив од мајка ми и мене ми е најсигурен. Наместо крпи, во лонецот може да се стават и весници.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани