Полека, полека израмнив уште една стотка на овој најбогат сајт со рецепти... Задоволство е да се биди дел од него, да гледаш како расти и се надградува и како се претвора во гигант со најмногу собрани преубави рецепти на едно место, да стекниш и лично се запознаеш со прекрасни пријателки со кои секогаш е мерак макар и средба со по едно испиено кафе на било кое место во државичката ни. Мои рецепти, одлично место за трошење на слободното време за задоволство, споделување и учење кулинарски новитети, мило ми е што постоите.

Како и за секој јубилеен рецепт, се надеваш дека ќе направиш нешто позначајно, повпечатливо, вкусно, интересно... Јас деновиве бев на голема мака од два можни кој да го претставам како таков и на крај се одлучив за оној кој прв го приготвив, Делимано торта, бидејќи како и да е, јубилејните се само рамна бројка на се она што сме твореле и споделувале до моменот, па чинам дека и многу рецепти помеѓу јубилејните би биле за големо внимание, ама ете моментот ги поставил под друг реден број.

Се матат белките во цврст шам со постепено додавање на шеќерот и на крај една по една жолчките. Со најмала брзина на миксерот се додава брашното и прашокот за пудинг. Јас начекав промотивен пакет од ванила со додаток од парчиња јаготка кој прекрасно се вклопи овде и е навистина со одличен вкус. Иначе, само од ванила е по рецептот. Чоколадото се ренда и се додава со внимателно мешање во еден правец.
Смесата се истура во намастен и набрашнет калап со обрач бр. 26 и се печи на 185 С околу половина час. Откако добро ќе излади се сечи на половина да се добијат две кори.

Жолчките се разбиваат со 1 лажица шеќер и 100 мл млеко и во нив се меша прашокот за пудинг. Остатокот од млекото се загрева и во него се додава мешавината и се вари крем. Кремот се покрива со стреч фолија за да не фати кора и се остава да лади. Во оладениот крем се миксира предходно изматен путерот.
Филот се дели на два дела и во едниот се меша Нутелата.

Редење на тортата
Се става едната кора и се премачкува со жолтиот фил. Врз него се редат јаготките исечени на малку подебели пачиња кругови. Врз јаготките се редат целуфките, а над нив се премачкува кафеавиот фил. Врз сето ова се става втората кора.
Шлаг кремот се спрема спрема упатството и со него се премачкува целата торта. Јас овде се решив за шлаг крем иако можи наместо тоа со шлаг пена. Одозгора се украсува со парчиња јаготки и чоколадо.

Тортата можи да ја редите во чинија за торта или пак, јас се одлучив, во истиот калап со обрач во кој печев. Потоа ја извадив од калапот, ја премачкав со кремот и ја украсив.
Добро е да се остави преку ноќ за убаво да си легнат слоевите, па потоа да се сечи на прачиња.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови