Прекрасна торта, со богат вкус, слатко задоволство за мали и големи.

Загрејте ја рерната на 170 степени.
Округлиот калап со пречник од 26см обложете го со хартија.

Мелените ореви и брашното измешајте ги во еден сад, тргнете на страна.
Белките матете ги со миксер додека да добиете бела пена, додадете шеќерот и продолжете со матење додека да добиете густа, сјајна смеса. Намалете ја брзината на миксерот и додадете мелените ореви и брашното, кратко измиксајте колку да се спојат состојките. Смесата ставете ја во калапот и печете 20 минути (во зависност од рерната). Направете вакви вкупно четири кори. Оставете да се изладат.
Чоколадото заедно со зејтинот истопете го на пареа.
Секоја кора премачкајте ја со чоколадото. Пред да филувате, ставете ги корите 10-15 мин во фрижидер за чоколадото да се стврдне.

Подготовка на филот
Во 300мл млеко измешајте го убаво брашното да нема грутки. Останатото млеко (450мл) ставете го да се вари.
Жолчките изматете ги со шеќерот додека смесата осветли и се згусне. Во оваа смеса додадете го млекото со брашно. Откако зоврело млекото, тргнете на страна, додадете ја смесата со жолчки и вратете на оган (умерена температура) да се вари. За цело време мешајте енергично со жица за матење за да не ви се направат грутки и за да не ви загори филот.
Откако ќе згусне, тргнете на страна, покријте ја површината од филот со стреч фолија и оставете потполно да се излади.
Путерот и шеќерот во прав изматете ги пенасто, додадете филот и ванила арома, изматете со миксерот за да спојат состојките.
Филот поделете го на три еднакви дела.

Околу првата кора ставете обрач и врз неа распоредете го првиот дел од филот. Следува втората кора па фил, трета кора - фил и завршувате со четвртата кора. Оставете во фрижидер да се стегне неколку часа, најдобро преку ноќ. Наредниот ден внимателно отстранете го обрачот и украсете ја тортата со шлаг пена подготвена според упатството за подготовка, со шеќерна паста и шеќерни трошки.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани