Навистина ми недостигаше да седнам и да ставам некој рецепт, па така кога добив време воопшто не размислував за друго туку да ставам некој рецепт. Оваа торта ја видов на една босанска страна и кога ја прочитав многу ми се допадна. Реков ајде ќе ја правам бидејќи состојките што ги содржи ми се омилени. Кога ја направив навистина не се разочарав вкусот и беше превкусен и се разбира дека повторно ќе ја правам. Ви предлагам и вам да ја пробате бидејќи навистина е превкусна. Еве ја подготовката на оваа торта.

1. Најпрво сварете го пудингот. Во тенџере на оган ставете го млекото, но одвојте 200 мл за промешување на пудинзите, па додајте го шеќерот и ванилиниот шеќер. Откако млекото ќе почне да врие додајте го пудингот промешан со млекото и мешајте додека да ја добиете потребната цврстина. Оставете го да олади. Во меѓу време подгответе го пандишпанот.

2. Во два сада се делат јајцата, во еден сад белки во друг сад жолчки. Белките се матат со миксер и постепено се додава од шеќерот. Се мати се додека да се растопи шеќерот. Жолчките со миксер може да ги изматите и да ги додадете во садот со белките, но јас ги додавам во садот со белките (откако ќе ги изматам белките) една по една и на секое додавање по една жолчка матев по 1 минута. На крај се додава прашокот за пециво и брашното и се промешува со шпатула. Смесата се истура во правоаголен калап број 38х36 (не мора да е оваа големина) и се пече на загреана рерна од 200 С - 7 минути. Пандишпанот оставете го да се олади.

3. Маргаринот изматете го со миксер додека да омекне и дојдадете го во пудингот. Матете додека да се соединат, па поделете го на три еднакви делови. Во првиот дел додајте го претходно растопеното чоколадо и мелените лешници, во вториот додајте го кокосот, а во третиот додајте го мелениот бисквит.

4. Пандишпанот делете го на половина. Едната половина ставете ја во плехот во кој ќе ја филувате тортата. Над пандишпанот ставете го филот од кокос и премачкајте го пандишпанот. Над филот ставете 12 бисквити кои претходно ќе ги натопувате во ладно млеко. Над бисквитите ставте го филот од чоколадото и мелените лешници, премачкајте над филот ставете повторно 12 бисквити претходно натопени во ладно млеко. Над бисквитите ставете го филот од мелениот бисквит,  премачкајте и на крај ставете ја другата половина од пандишпанот.

5. Така подготвената торта премачкајте ја со претходно изматениот шлаг и декорирајте ја со растопено чоколадо на пареа.Тортата оставете ја да отстои 2-3 часа бидејќи подобро се сече. Добар Апетит.

Забелешка - филувањето на тортата може и да биде по ваша желба не како што јас ги имам ставано филовиоте, но се разбира вкусот е ист хехех...

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани