Старински, посни колачи, преубави на вкус. Рецептот е од баба ми, внесен во тетратката на мајка ми во 50 -тите години на минатиот век.
Во Струмица се прават за многу пригоди, посебно зашто се посни., т.н. виини гурбии. Ги имам во две варијанти, и иако поомилени ми се со шербет, убава е и онаа со шеќер во прав.

Сите состојки, сé до кората од лимонот, се замесуваат.
Се откинува мало топче, се сплеснува на дланката, на средина се става јатка орев и цимет.
Се затвара и се витка меѓу рацете малку, се остава на плех со хартија и се прави како месечинка.
Така се изработуваат сите.
Се печат на 180 степени 20- 30 минути најмногу, не смеат да се испечат однадвор многу.
Кога ќе се подизладат, се посипуваат со шеќер во прав.
Е сега веднаш другата варијанта, со шербет.
Водата и шеќерот зовриваат, после 8-10 минути, оладените гурабии се ставаат кратко во шербетот и се препелкаат во кристал шеќер.

Можете да си направите по половина доза од двете варијанти, зашто само крајот е различен.
Шеќер може и помалку да ставите во тестото, но тие колачиња се такви, благички бајаги.
Дозите ми се тие, старински, шербетот од око, водата секогаш повеќе, не е на одмет, за да има во што да се ставаат гурабиите.
Инаку, најстариот рецепт е со пепелова вода, но овде немам такви услови, ниту сум правела. Велат дека веќе не се прават на тој начин.
Се прават ден порано, поубави се ако постојат, омекнуваат...

Пријатно со неповторливиот вкус на старинските посни колачи, виини гурбии-виени гурабии!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани