Еден од највкусните сендвичи што сум ги јадела. Веган, а толку богат и вкусен.
1. Гравот убаво исцедете го од течноста во конзервата. Измијте со вода и повторно убаво исцедете. Додадете го претходно сварениот ориз, маслото, зачините и испасирајте со рачен пасатор. Додадете го ситно сецканиот кромид, ренданото лукче, лебните трошки, сецканиот магдонос и убаво измешајте. Со намрсени раце направете 4 плескавици, ставете ги на намрсена подлога и оставете ги да одстојат мин 1 час во фрижидер. Најубаво е смесата да ја направите одвечер, а утредената да ги обликувате плескавиците.
2. Индиските оревчиња потопете ги со вода што врие и оставете ги така да стојат 1 час. Потоа процедете ги, додадете ги останатите состојки и изблендирајте во Нутрибулет за да добиете конзистенција на мајонез. Водата додавајте ја полека во зависнот колку густ сакате да ви биде мајонезот. На крај додадете сецкан магдонос и промешајте. Чувајте го мајонезот во фрижидер до употреба.
3. Загрејте ја грил тавата и премачкајте ја со малку масло. Внимателно ставете ги плескавиците и на умерен оган пржете ги додека не почнат да потемнуваат. Не ги превртувајте многу за да не ви се распаднат, доволно е еднаш.
4. Лепчињата за сендвичи расечете ги по должина и загрејте ги на грил тавата.
5. Кромидот излупете го и исечете на тенки резанки. Додадете сол, шеќер, оцет и вода, промешајте и оставете да се маринира.
6. Слаткиот компир излупете го и исечете го на тенки парчиња. Пржете ги во тава со повеќе масло, во еден слој, како за класичен чипс.
7. Гвакамолето направете го веднаш пред да го составите сендвичот. Испасирајте го авокадото со вилушка и додадете ги останатите состојки.
8. Лепчињата за бургер (или други по вкус) пресечете ги на половина и кратко запечете ги на грил тава. Премачкајте ги со ајоли сосот и наредете, парчиња домат, рукола, краставица на резанки, плескавицата од црвен грав, гвакамоле, закселен виолетов кромид, чипсот од сладок компир и покријте со второто парче леб.
9. Загризете и уживајте во прекрасниот вкус!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани