Овие мирисни и медени фигури се одличен подарок за Божиќните празници. Јас ќе ги израдувам моите блиски, па еве рецепт да го направите тоа и вие.
Нека ви е среќна и радосна Новава година, многу љубов и убави денови во неа!

Подготовка
Сите состојки ги ставаме во сад и ги замесуваме. Топката од тесто ја делиме на два дела и во едната додаваме зелена прехрамбена боја, па ги виткаме во најлонска фолија и ги оставаме 1 час во фрижидер. За тоа време ги правиме шемите за куќичките во димензии кои сакаме да ни бидат.
Ги вадиме тестата од фрижидер ги расукуваме и од зеленото тесто вадиме звезди во разни големини од најмала до најголема. Од шемите од хартија обележуваме врз тестото ѕидови за куќичките или директно ги сечеме со нож или нож за пица. Ги редиме во тавче и ги печеме на 170 степени околу 8-10 минути. Откако ќе се испечат веднаш внимателно ги вадиме од тавчето. Додека се ладат го подготвуваме ројал ајсингот.
Ги матиме белките да запенат убаво и постепено го ставаме шеќерот во прав. Матиме додека да стане густа смесата. Оваа смеса ни е малку погуста и побрзо се стврднува, па доколку сакате да декорирате колачиња со неа треба тоа побрзо да го правите. Ја ставаме смесата во кеса на која и го пресекуваме малку врвот. Ги спојуваме куќичките, прво ѕидовите па чекаме да се залепат убаво, па потоа покривот и ги декорираме по желба.
Истото го правиме со ѕвездите, формираме елки и ги декорираме додека ни е влажен ројал ајсингот за да ни се залепат шеќерните перли.
Спакувајте ги во проѕирен целофан, заврзан со шарени ленти и подарете со љубов.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани