Овој десерт може да се направи со овошен јогурт со вкус каков што обожавате, а јас овој пат го направив со вкус на ананас, бидејќи во моментот немаше од банана кој ни е омилен. Рецептот е мој смислен, погоден е и брз за подготовка, не сметајќи го времето кое треба да помине за да отстои.

1. Во правоаголно тавче или некаков сад (јас ја искористив малата ростер тава), измерете да собира 9 бисквити во еден ред, па откако ќе мерите и изберете соодветен сад, со силиконска шпатула на дното ставете од овошниот јогурт во тенок слој.
2. Сега се реди 1 ред бисквити (вкупно 9 во 1 ред). Со малата силиконска шпатула со овошниот јогурт пак се премачкува првиот ред бисквити.
3. Се распоредуваат мелени ореви и ситно изрендано чоколадо.
4. Се започнува со редење на 2-риот ред бисквити, но одоздола на секоја бисквита се мачка малку од јогуртот и се реди врз оревите и ренданото чоколадо.
5. Постапката понатаму се повторува, така што треба да се наредат вкупно 4 реда бисквити и 4 пати се ставаат ореви и чоколадо, и со нив и се завршува. Се премачкуваат и сите страни со остатокот од овошен јогурт.
6. Кексот се става во фрижидер, а јас практикувам да го направам навечер и другиот ден веќе е готов, бисквитите се веќе впиени и омекнати.
7. Еден час пред да се служи, кексот подобро е да се извади од фрижидер но во ладна просторија, а потоа се сечат штангли. Се добиваат 27 штангли.

Оревите и чоколадото во комбинација со овошен јогурт го прават овој десерт многу освежителен и вкусен. Понекогаш го правам со овошен јогурт од шумски плодови и не ставам ништо друго па и така е многу вкусен. Пробајте, зимскиов период е одличен за ваков вид на десерт.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани