25 Октомври 2012 денот кога за прв пат седнав и го напишав првиот рецепт овде.
И така ден по ден, рецепт по рецепт, се нижеа.

Се распрашував за стари рецепти, па подготвив и многу нови, барав од разни кујни, прикажував храна од Мијачкиот крај, од Галичник, од Ореше, од старите краеви Македонски...

Мило ми е што како млада ... ми дадовте можност да покажам што знам , да покажам како се научив да сукам, како се научив да тегнам кори, како станав мајстор во таа област...

Далеку бев од новите рецепти, но со помош на пријателките овде, научив многу финтици во кујната.

Сега кога сум далеку од мојот роден крај, станувам одново домаќинка.
Одново учам состојки, учам нова кујна, но сепак имам желба и се трудам.
Дел од тоа го прикажувам, а дел се трудам да го усовршам.

Како и да е, фала ви за несебично доделените критики за несовршените слики,
ме научивте да сликам подобро.

Со вас растам, со вас се надоградувам....
За мојот 500 ти рецепт, решив да ја прикажам тортата која ја спремив за именденот на мојата ќерка Елена.

Тој што обожува кокос, верувам дека оваа моја торта ќе му биде фаворит.
За наш вкус одлична.
Еве го начинот на подготовка

3 белки се матат со шеќер.
Откако ќе се измати во цврст снег се додава кокосот и лебните трошки.
Во калапот ставаме хартија за печење и ја префрламе смесата.
Ставаме да се печево загреана рерна на 200 степени, па намалуваме на 160.
Така печеме 2 теста.
И третото го печеме на тој начин само што наместо кокос ставаме мелени ореви.
Филот го спремаме на следниот начин
Во сад на оган наливаме млеко и шеќер.
Нека се растопи убаво.
Вадиме дел од млекото и го разматуваме со густинот.
Откако е убаво измешан го додаваме во млекото и мешаме убаво да ја добие посакуваната густина.
И путерот го додаваме и оставаме да истине.
Кога е ладен филот филуваме ред кора ред фил.
Цела торта ја премачкуваме со филот и попрскуваме со листови од бадеми.

Забелешка

Тортата е многу убава кога ќе отстои барем еден ден.
На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови