Брз рецепт за домашна моцарела, мене ми одзеде околу 30-40минути.
Прво го ставаме млекото на среден оган дури да достигне температура на околу 32 степени (јас немам термометар па отприлика со прстот проверувам) настрана лимонтусот се раствара во 30мл вода, а сириштето во 50мл вода.
Откако млекото ќе достигне температура од 32 степени се додава лимонтусот. Ќе почне млекото постепено да се заурдува. Откако темепратурата ќе достигне 40 степени се додава и сириштето. На дното ќе почне да се појавува еластична маса. Се трга од оган и се остава да стои 15-20мин, потоа се цеди на цедалка и исцеденото сирење се става во сад и во микробранова на 1мин. Кога ќе се извади ќе се добие потечна смеса. Бидејки е жешко се меша прво со лажица, а потоа со раце, ќе добиете тесто слично како она за леб. Потоа се враќа во микробранова на уште 1мин, повторно се меси, се додава сол, се оформува и тоа е тоа.
Се остава убаво да се излади и да се стегне. Можете какви сакате форми да правите. Јас почнав да правам топчиња, ама некако бавно ми одеше, па цела смеса ја истурив во длабок сад и ја оставив да се излади. Од 2л млеко излегува околу 250-300гр моцарела,многу поевтина варијанта од онаа купечката. Се надевам дека добро објаснив, подолу има и слики.
П.С. Доколку немате микробранова можете да го направите тоа во течноста која сте ја исцедиле од сирењето. Се загрева на 80-90 степени се става смесата да стои 20-25секунди и се вади. Постапката се повторува 2 пати, додека не добиете убава мазна еластична смеса.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови